Американскиот претседател Џо Бајден предвидува дека Русија ќе направи чекор кон Украина, но рече дека претседателот Владимир Путин најверојатно се уште не одлучил и дека земјата ќе се соочи со тешки економски последици доколку се случи воена офанзива. „Не сум сигурен дека е сигурен што ќе прави. Претпоставувам дека ќе направи нешто. Мора да направи нешто“, рече Бајден на прес-конференција на 19 јануари по повод одбележувањето на неговата прва година во канцеларија.
САД ја зголемуваат воената помош за Украина додека растат тензиите со Русија
Но, Бајден рече дека нападот врз Украина би бил „катастрофа за Русија“ што ќе ѝ нанесе огромна човечка, економска и политичка штета за Москва. „Нашите сојузници и партнери се подготвени да наметнат сериозни трошоци и значителна штета за Русија и руската економија“, рече тој, вклучително и санкции за енергетскиот сектор и оневозможување на руските банки да се занимаваат со американски долари, светската резервна валута. Иако руската војска е помоќна од украинската, Бајден посочи дека загубата на животи за Русите би била „тешка“. За Путин, Бајден рече дека верува оти рускиот претседател „сѐ уште не сака целосна војна“, но е за извесен степен на ескалација и конфронтација.