Петков посетата на Скопје ја оцени како „огромен успех“

Прва средба на премиерот Димитар Ковачевски и премиерот Кирил Петков. 18.01.2022.

Бугарскиот премиер Кирил Петков вчерашната посета на Скопје ја оцени како „огромен успех“. Тој изјавата ја даде по церемонијата на положување заклетва на претседателот на Бугарија Румен Радев и потпретседателката Илијана Јотова во Народното собрание.

Петков вели дека од една страна била подадена рака со одењето во Скопје, а од друга страна дека Северна Македонија ја испратила нотата која Бугарија ја чекала две години.

„Оваа нота вели дека Република Северна Македонија нема претензии за територијалниот интегритет на Бугарија. Тоа е нешто многу нормално тие да го кажат, но за оваа нота се разговараше и преговараше, а ние само затоа што направивме нов пристап ја добивме. Тука треба да се разбере дека вчерашната посета беше огромен успех“, рече Петков.

Софија инсистираше на проблемот со краткото и долгото име на државата, бидејќи сметаше дека краткото Северна Македонија може да претставува дека земјава има територијални претензии кон нив, а беше и во таканаречниот португалски предлог од 2021 година.

Потоа истото стана прва точка и од таканаречениот план 5 плус 1 кој го претстави бугарскиот претседател Румен Радев.

Бугарскиот премиер Петков при посетата во Скопје имаше средби со македонските претставници и со новоизбраниот премиер Димитар Ковачевски.

Двајцата премиери најавија нов пристап во решавањето на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија. Освен решавањето на прашањето за краткото и долгото име, тие најавија и конкретни датуми за воспоставување на авиолинија Скопје-Софија за 60 дена и за заедничка седница на двете влади која би се одржала следната недела, на 25 јануари.

Исто така во тек е формирањето на работните групи во областите економија, трговија, иновации, инфраструктура, транспорт и поврзување, зелени политики, европска интеграција, култура, образование, наука и млади, од кои как што беше најавено, ќе произлезат заеднички проекти и активности кои ќе бидат преточени во Акциски план, согласно кој ќе се очекуваат конкретни резултати.

Иако двете земји во 2017 година го потпишаа договорот за Добрососедство, Софија во 2019 година го блокираше почнувањето на преговорите на Северна Македонија со Европската унија.