Кина ја осуди Словенија поради поддршката на независноста на Тајван

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан.

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска ја осуди поддршката на Словенија за независноста на Тајван. Портпаролот на Министерството Жао Лиџијан изјави дека се шокирани од поддршката за „очигледното кршење“ на принципите на Кина.

Жао истакна дека во светот постои само една Кина чиј неотуѓив дел е Тајван, а како што наведе, владата на Народна Република Кина е единствената легитимна влада која ја претставува цела Кина. Тој посочи дека принципот на една Кина е општо призната норма во меѓународните односи, додавајќи дека тоа е и политичката основа на односите меѓу Кина и Словенија и меѓу Кина и Европската унија.

Зборувајќи за Тајван како „демократска земја“, словенечкиот премиер Јанез Јанша претходно изјави дека Словенија и Тајван „работат на воспоставување размена на претставници“.

Кина тврди дека Тајван е територија која ќе биде ставена под контрола, доколку е потребно и со сила, и го зголемува дипломатскиот притисок врз островската земја со цел да ја принуди на политички отстапки.

„Никој не треба да ја потценува силната одлучност, силната волја и силната способност на кинескиот народ да го брани својот национален суверенитет и територијален интегритет“, рече Жао.

Тајван и Кина се разделија за време на граѓанската војна во 1949 година, а Народна Република Кина инсистира дека е единствениот правен претставник на островот, и покрај тоа што никогаш не владеела со него.

Словенија го следеше потегот на Литванија дозволувајќи му на Тајван да отвори претставништво во нејзиниот главен град Љубљана наречено „Тајван“ а не „Кинески Тајпеј“.

Официјални претставници на САД и Литванија велат дека Кина го блокирала увозот од оваа европска земја, откако на тајванската влада и било дозволено да отвори трговска канцеларија наречена Тајван.

Соединетите Држави и повеќето други влади, вклучително и Литванија, имаат дипломатски односи само со Пекинг, но одржуваат комерцијални и неформални политички врски со демократски избраната влада на Тајван.