Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека треба да се испрати јасна порака до Западен Балкан дека постои перспектива за членство, но наведе дека е потребно да се преземат реформи во рамките на Европската унија за да се овозможи прием на нови членки.
„Европа не може да му сврти грб на Западен Балкан. Западен Балкан географски и историски, во однос на трагичноста и ветувањата за иднината, се наоѓа во срцето на европскиот континент. Тие носат лузни кои не потсетуваат на кревкоста на мирот, но и на силата на ЕУ“, рече Макрон.
„Треба да ги преиспитаме нашите односи со Западен Балкан и да дадеме јасна и искрена перспектива за пристапувањето“, додаде Макрон.
Францускиот претседател овие тврдења ги изнесе на пленарната седница на Европскиот парламент (ЕП), зборувајќи за приоритетите на француското шестмесечно претседателство кое започна на 1 јануари 2022 година.
Сепак, тој нагласи дека во сегашните услови Европа не е таа што може да прифати нови членки.
„Ова не е Европа која може да има 31, 32 или 33 членки. Ќе се лажеме себеси ако така мислиме“, рече тој нагласувајќи ја потребата од промени во ЕУ кои ќе овозможат „побрзи, појасни и поефикасни одлуки“.
Макрон најави иницијатива за организирање конференција за Западен Балкан, која според него ќе следи по одржувањето на Конференцијата за иднината на Европската унија.
Конференцијата за иднината на Европа е серија од дебати и дискусии со кои ќе им се овозможи на луѓето од цела Европа да ги споделат своите идеи и да помогнат во обликувањето на заедничката иднина.
Станува збор за предлог на Европската комисија и на Европскиот парламент, кој датира од 2019 година и има за цел да ја види среднорочната и долгорочната иднина на ЕУ и какви реформи треба да се преземат во нејзините политики и институции.