Специјалниот претставник на Европската унија за српско-косовски дијалог, Мирослав Лајчак, на почетокот на февруари најверојатно ќе ги посети Белград и Приштина, според неофицијални информации во Брисел.
Од овие извори, Лајчак за време на посетата треба да оствари средба и со специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Иако Брисел наведува дека деталите за средбата се уште се подготвуваат, а според прелиминарниот план посетата на Лајчак и Ескобар е планирана за 1 и 2 февруари, додека прва станица би бил Белград.
Покрај сеопфатните напори за заживување на процесот на преговори за нормализација на односите, европскиот и американскиот посредник, според нашите сознанија, ќе го покренат и прашањето за гласањето на српските граѓани на Косово во изборниот процес во Србија.
Со оглед на одлуката на косовската влада со која на косовските Срби им беше дозволено да гласаат на уставниот референдум на 16 јануари само по пошта или во Канцеларијата за врски, се прават напори да се најде можно решение пред одржувањето на парламентарните и претседателските избори во Србија закажани за 3 април.
ЕУ изрази жалење што косовските власти го оневозможија гласањето на српските граѓани на Косово за уставниот референдум во Србија.
Според портпаролот на ЕУ, Питер Стано, и покрај тоа што нема договор сепак „се уште постои воспоставена практика“ според која од 2012 до 2020 година косовските Срби можат да гласаат на Косово, а гласовите ги собира ОБСЕ.
Мирослав Лајчак последен пат ги посети Косово и Србија во ноември минатата година.