Макрон во ЕП ќе ги претстави насоките на француското претседателство со ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон зборува на церемонијата на оддавање почит на починатиот претседател на Европскиот парламент Дејвид Сасоли, Стразбур, 17 јануари 2022 година.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Европскиот парламент ќе ги претстави насоките и целите на француското шестмесечно претседавање со Советот на Европската унија. Неговиот говор во Стразбур будно ќе го следат и Брисел и другите земји-членки на ЕУ, бидејќи францускиот претседател ќе се обрати во име на сите 27 земји на Унијата, соопшти Елисејската палата. За време на својот говор, Макрон ќе го спомене она што веќе го кажа детално на 9 декември, а идејата водилка е да се зајакне европскиот суверенитет, велат извори блиски до неговиот кабинет.

Макрон ги презеде уздите на ЕУ додека го чекаат избори

Францускиот претседател ќе изрази надеж дека брзо и конкретно ќе се постигнат резултати за решавање на неколку прашања, како минималната плата, данокот на јаглерод и реформата на Шенген зоната со цел подобра борба против нерегуларната миграција. Макрон ќе го спомене „уникатниот пат на Европа“ кој треба да биде сила за стабилност во „турбулентен меѓународен контекст“ особено обележан со тензиите меѓу Русија и Украина на границите на ЕУ, додаваат истите извори.

Макрон е популарен кај 38 насто Французи


Се проценува дека говорот на Макрон ќе има голема национална димензија, бидејќи тој е голем фаворит во анкетите на јавното мислење во Франција на претседателските избори закажани за април, иако сѐ уште не е официјално номиниран. Францускиот претседател, на власт од мај 2017 година, кој тогаш ја прослави својата изборна победа со звуците на химната на ЕУ, е убеден Европеец кој се противи на национализмот и популизмот. Говорот на Макрон треба да трае околу 20 минути, по што ќе следуваат прашања од членовите на Европскиот парламент.