Јавниот обвинител на Њујорк Летиција Џејмс презеде правна постапка за да го принуди поранешниот претседател Доналд Трамп и двете негови деца, Доналд Трамп, Џуниор и Иванка Трамп, да се појават на сведочење како дел од тековната истрага за финансиските зделки на Организацијата Трамп. „Повеќе од две години, Организацијата Трамп користи тактики за одложување и судски спорови во обид да спречи легитимна истрага за нејзините финансиски зделки“, изјави Џејмс, наведувајќи: „Досега во нашата истрага откривме значајни докази кои укажуваат на тоа дека Доналд Трамп и Организацијата Трамп лажно и со измама вреднувале повеќе средства и погрешно ги прикажувале тие вредности на финансиските институции за економска корист“.
Зошто е важно Трамп да биде суден?
Њујоршките обвинители истражуваа дали Трамп и неговата компанија за недвижнини ги доведоа во заблуда банките и даночните службеници за вредноста на неговите средства за да добијат поволни услови за заем или да создадат даночни заштеди. Канцеларијата на јавниот обвинител сѐ уште нема донесено конечна одлука за тоа дали доказите собрани досега ќе резултираат со правна постапка, но наведе дека „основите за продолжување на истрагата се очигледни“. Претходно овој месец, адвокатите на Трамп поднесоа барање за спречување на судските покани, тврдејќи дека предлогот претставува „закана за демократијата“ и дека е политички мотивиран. Синот на Трамп, Ерик, кој е извршен потпретседател на Организацијата Трамп, беше интервјуиран од канцеларијата на Џејмс за ова прашање во октомври 2020 година. Поранешниот претседател се соочува со повеќе правни битки.
Бајден на годишнината од упадот во Капитол- Трамп создаде мрежа од лаги
Во Вашингтон, тој се обидува да ја спречи конгресната истрага предводена од демократите да пристапи до записите на Белата куќа за немирите на 6 јануари од страна на неговите приврзаници во Капитол. Во јули, Организацијата Трамп и нејзиниот долгогодишен директор за финансии, Ален Вајселберг, се изјаснија за невини пред судот во Њујорк по 15 обвиненија за измама и затајување данок. Неговото судење треба да започне кон средината на оваа година. Трамп, исто така, со години се бори да спречи објавување на неговите даночни пријави до обвинителството.