Вучиќ и Ердоган: важно е да се зачува мирот на Балканот

Претседателите на Турција и Србија Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ, Анкара, 18.01.2022.

Претседателите на Турција и Србија Реџеп Таип Ердоган и Александар Вучиќ во Анкара оценија дека соработката меѓу двете земји е одлична и дека зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан е од клучно значење.
Говорејќи на заедничката прес-конференција по средбата меѓу двајцата лидери и седницата на Високиот совет за соработка Србија-Турција, Ердоган рече дека поддршката на Србија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина е многу важна за мирот и стабилноста во регионот. Ердоган рече дека „императив е сите страни да се воздржат од преземање чекори што му штетат на територијалниот интегритет на БиХ и сите да се однесуваат одговорно“.

Ердоган - Турција ќе биде присутна во БиХ ако тоа го сакаат Бошњаците, Србите и Хрватите

„На средбата уште еднаш силно и одлучно го потврдивме значењето што им го придаваме на мирот и стабилноста на Балканот. Разменивме мислења за политичката криза во БиХ. Очигледно е дека треба да работиме заедно со меѓународната заедница за да се надмине ова криза“, рече Ердоган. Ердоган рече дека постигнал договор со Вучиќ да организира заедничка средба со сите членови на Претседателството на БиХ по изборите во Србија на 3 април. Средбата може да биде во Белград, можеби во Истанбул, наведе Ердоган.

Вучиќ- Србија не се согласува со одлуката на САД за санкции за Додик

Вучиќ изјави дека зачувувањето на мирот и стабилноста на Балканот е од најголема важност и за Србија и за Турција, и додаде дека тој и Ердоган „се обидуваат да ги турнат своите земји напред, а не назад во минатото“. Тој изјави дека стабилноста, мирот, разговорите и почитувањето на Дејтонскиот договор се од суштинско значење за Босна и Херцеговина.