Блинкен во Киев на средба со Зеленски

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Киев каде што ќе се сретне со претседателот на Украина Володимир Зеленски и со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба. Блинкен потоа заминува за Берлин на состанок со германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, по што ќе следи состанок со Трансатлантската четворка во која се вклучени САД, Британија, Франција и Германија. Блинкен „ќе разговара за неодамнешните дипломатски ангажмани со Русија и заедничките напори за одвраќање на евентуална руска агресија врз Украина, вклучувајќи ја и подготвеноста на сојузниците и партнерите да наметнат санкции врз Русија“.

Во Украина во услови на потенцијална руска инвазија „нема хистерија“

Бајден предупреди на тешки економски последици за Москва доколку Русија, која има трупи во близина на границите на Украина, го нападне својот сосед. Русија негираше какви било планови за напад.

Бајден му вети на Зеленски дека ќе дејствува решително ако Русија ја нападне Украина

Блинкен во вчерашниот телефонски разговор со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров укажал на важноста од продолжување на дипломатските напори за деескалација на тензиите кои настанаа по акумулацијата на руската армија во близина на Украина. Вчера шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров по разговорите во Москва со министерката за надворешни работи на Германија Аналена Бербок изјави дека Русија би го поздравила учеството на Соединетите држави во решавањето на кризата околу Украина.