Белата куќа соопшти дека Русија е подготвена за потенцијален напад врз Украина што би можел да се случи „во секој момент“ и предупреди дека одговорот на САД ќе ги вклучи сите опции. „Ниту една опција не е надвор од масата“, изјави секретарот за печат Џен Псаки, предупредувајќи на „екстремно опасна ситуација“. „Како што стојат работите во моментов, претседателот Путин ја создаде оваа криза со распоредување на стотици илјади руски војници долж границите на Украина. Ова вклучува преместување на руските сили во Белорусија неодамна за заеднички вежби и спроведување дополнителни вежби на источната граница на Украина. Затоа, да бидеме јасни. Нашиот став е дека ова е исклучително опасна ситуација, и сега сме во фаза кога Русија во секој момент може да изврши напад во Украина“, рече Псаки.
Кога Москва се заканува, а Вашингтон предупредува
Во меѓувреме, рускиот весник „Комерсант“ објави дека министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Ентони Блинкен в петок ќе одржат разговори во Женева за безбедносните гаранции што Москва ги бара од Западот. Комерсант, повикувајќи се на свои информации, соопшти дека двајцата дипломати се договориле за средбата во вчерашниот телефонски разговор.