Политичари и поштари
ТУРЦИЈА / РУСИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја повика Русија да не ја напаѓа Украина.
МАКЕДОНИЈА - Одлуката на Владата за одложување на почетокот на учебната година по зимскиот распуст треба да биде привремена мерка и да се вложат сите напори децата да се вратат во училниците, соопшти Канцеларијата на УНИЦЕФ во нашата земја.
ГЕРМАНИЈА - Поранешниот германски министер за Европа и актуелен пратеник во германскиот Бундестаг Михаил Рот денеска ја поздрави средбата на премиерите на Бугарија и Северна Македонија, Кирил Петков и Димитар Ковачевски во Скопје. Тој на неговиот официјален Твитер профил напиша дека Бугарија конечно треба да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права и да признае македонското малцинство во Бугарија.
МАКЕДОНИЈА - Бугарија прифати да го користи краткото име на државата Северна Македонија, исто како што го користи и долгото Република Северна Македонија, соопшти денеска премиерот Димитар Ковачевски, на заедничката прес конференција со неговиот бугарски колега Кирил Петков. За него, ова е голем чекор во новото поглавје и води кон поголема соработка меѓу двете држави.
КИНА - Кина ги повика жителите да носат маски и ракавици кога отвораат пошта, особено од странство, откако властите сугерираа дека првиот случај на вирусот омикрон откриен во Пекинг можел да стигне преку пакет од Канада.
ТУРЦИЈА - Турските власти одлучија да го ребрендираат имиџот на земјата во светот, објави турската телевизија ТРТ. Претходно овој месец турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави соопштение во кое се наведува дека меѓународно признатото име на земјата се менува од Турција во Туркије, објави телевизијата.
КОСОВО - Шефот на пратеничката група на Движењето Самоопределување Мимоза Кусари Љиља изјави дека парламентарните и претседателските избори, организирани од Србија на 3 април, треба да се спроведат исто како и референдумот, односно Србите од Косово да го остварат своето право на глас по пошта, Српската канцеларија за врски во Приштина или на избирачко место во некој од пограничните градови во Србија.