Бугарија и Северна Македонија се во многу значааен процес и двете земји имаат потреба од релаксирање на односите, и треба отворено да се зборува за темите за кои се бара решение и за кои не треба да бидеме преокупирани од емоции, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков во Собранието.
Тој пред новинарите посочи дека видел голема волја кај бугарскиот премиер за надминување на разликите кои постојат меѓу Скопје и Софија, по што би можело земјава во јуни годинава да ги отвори преговорите за членство во ЕУ.
„Ме интересираше каде се пречките за да можеме ние да се ангажираме ова прашање, да има еден епилог како што ние очекуваме - позитивен, од бугарската страна слушнав дека значајно е за нив е во нашиот Устав да се внесе бугарското малцинство кое живее во Северна Македонија“ изјави Ахмети.
Тој додаде дека мисли оти ништо лошо нема да и се случи на државата ако се прифати барањето бугарското малцинство да се воведе како уставна категорија.
„Рамковниот договор е договор кој ги има опфатено сите малцинства кои живеаат во оваа земја, и со сигурност со прифаќањето и со значајните измени кои ќе се направат само ќе ја зајакнеме нашата држава и ќе ги зајакнеме европските стандарди и диверзитетите и ќе имаме уште едно малцинство. Па и Хрватите, Црногорците кои претходно го имаат покренато како прашање, да бидат претставени во Уставот на Северна Македонија. Затоа зборував многу отворено за оваа тема со бугарскиот премиер. Ние сме целосно ангажирани да се почитува и да не му се оспорува правото на никој да се декларира како што се чуствува и тоа да се рефлектира и во Уставот на земјата“ изјави Ахмети во Собранието.
На новинарското прашање за реципроцитет во однос на малцинството Ахмети изјави дека не разговарал за тоа со Петков.
„ Не сум разговарал за реципроцитет затоа што мислам дека ние сме во ситуација каде што треба со внимание да менаџираме затоа што е од стратешки интерес на нашата земја да имаме сигурна и функционална стабилност. Тие се прашања кои му припаѓаат на Уставот на Бугарија и јас немам доволно познавање за да отворам вакви теми“ вели Ахмети.
Оптимисти, но без одговор на клучните прашања
Тој додаде дека од големо значење за земјата е да ги отвори преговорите со ЕУ.
Ахмети изјави дека со Петков разговарале и за Коридорот 8 кој ги зближува трите држави Северна Македонија, Албанија и Бугарија.