Поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев негираше каков било конфликт со неговиот наследник по масовните и смртноносни антивладини протести во централноазиската држава богата со нафта на почетокот на овој месец, што предизвикаа обвинувања за борба за власт.
„Ги предадов сите претседателски овластувања на Касим-Жомарт Токаев во 2019 година и оттогаш сум пензионер“, изјави 81-годишниот Назарбаев во видео изјава објавена на 18 јануари.
Тој во неа посочува дека сега како пензионер живее во главниот град и никогаш не ја напуштил земјата. Ова е прва негова јавна изјава по невидените протести на почетокот на јануари кои прераснаа во насилство при кое стотици луѓе загинаа.
Првиот претседател на независен Казахстан ги повика своите сограѓани да го поддржат Токаев, инсистирајќи на тоа дека „нема конфликт или конфронтација меѓу елитите“.
Протестите кои започнаа во еден од казахстанските градови на почетокот на јануари поради ненадејното зголемување на цената на горивото брзо се проширија низ целата држава и доведоа до насилни судири во најголемиот град во земјата, Алмати, но и на други места.
Последиците од масовните немири во Казахстан
Минатата недела Токаев за прв пат јавно го критикуваше Назарбаев, велејќи дека под негово водство во Казахстан се појавиле многу профитабилни бизниси и екстремно богати луѓе, додавајќи дека е дојдено време народот да го добие заслуженото.
Во меѓувреме, се поголем број блиски роднини на Назарбаев ги загубија своите службени позиции, што укажува на тоа дека владата се обидува да ги чисти или притисне членовите на поширокото семејство на поранешниот претседател.
Роднините на Назарбаев ги губат функционерските позиции во Казахстан
Казахстанските власти соопштија дека за време на немирите биле убиени 225 луѓе, меѓу кои 19 службеници за спроведување на законот, а 12.000 други биле приведени.