Владата демантира дека химната била скратена

Кирил Петков и Димитар Ковачевски пред Владата на РСМ, Скопје 18 јануари 2021

Владата на Република Северна Македонија најостро ги демантира и ги отфрла како дезинформација објавените информации во повеќе медиуми и портали, за наводно намерно изоставање на одредени делови односно стихови од химната на Северна Македонија, за време на официјалниот пречек на претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков.

„Воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија согласно воениот и државен протокол се ангажира при пречек на странските државници на највисоко ниво при што секогаш и без исклучок се интонираат инструментални кратки верзии на државните химни, а никогаш не се изведуваат верзии на химните во целост и со стихови и вокали. Оттука, дезинформација е дека химната односно стихови од химната биле скратени од било кои причини специфично за оваа посета“, се вели во реакцијата од Владата.

Оттаму додаваат дека е дезинформација дека било кој стих од химната бил скратен бидејќи стихови воопшто не се изведуваат при вакви церемонии и дека ова е востановена пракса во протоколите за пречек, како во Северна Македонија така и во светски рамки.

Владата бара медиумите и порталите кои ги објавија неточните информации во целост да го објават овој демант и да ја повлечат изнесената дезинформација.

Претходно дел од медиумите и порталите објавија дека при изведување на македонската химна, воениот оркестар намерно го извел само првиот дел, „но не и делот што е проблематичен за Бугарија каде се споменува Гоце Делчев, Даме Груев, Сандански и Крушевската република“.