ССМ: Недела неработен ден е реалност колку и тоа да не им се допаѓа на газдите

Сојуз на синдикати на Македонија ССМ

Претседателството на Сојузот на синдикатите на Македонија одржа вонредна седница на која расправаше за информацијата за поднесената иницијатива пред Уставниот суд од страна на Стопанската комора на Северна Македонија со која се оспоруваат измените на Законот за работни односи со кои се уредува работата во недела.

„Недела ден на неделен одмор е реалност колку и тоа на „газдите“ да не им се допаѓа, а не им се допаѓа поради тоа што ги полнеа џебовите на грбот на работниците кои им работеа без да ги плаќаат. ССМ нагласува дека согласно член 11 од Уставот „Се забранува присилна работа.“, согласно член 32 од Уставот „Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор“, а „Од овие права вработените не можат да се откажат“ и истиот член утврдува дека „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори” соопштија од ССМ по седницата на претседателството.

Оттаму велат дека правото, ден на неделен одмор да биде недела е уредено во Закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи Сл.Весник бр.288 од 21 декември 2021 година и Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата Сл.Весник бр.295 од 27 декември 2021 година што е во целост согласно горенаведеното и член 32 од Уставот на Република Северна Македонија оти секој вработен има право на платен неделен одмор и дека од тоа право работниците не смеаат да се откажат, а работодавачите не смеат да го ограничат.

Потенцираат дека излезот од оваа ситуација ќе биде излегување на работниците со синдикатите на улица и блокирање преку штрајкови и протести.

Уставниот суд вчера објави дека Стопанската комора на Северна Македонија ги оспорила пред судот законските одредби за прогласување на недела за неработен ден, бидејќи сметаат дека е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво.

Законските измени за недела неработен ден стапија во сила на 1 јануари годинава, откако претходно пратениците во Собранието ги изгласаа законските измени на 20 декември 2021година.