Ердоган ја повика Русија да не ја напаѓа Украина

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја повика Русија да не ја „напаѓа“ Украина.

„Русија треба да ја преиспита ситуацијата во светот и сопствената ситуација пред да се одлучи на таков чекор, изјави Ердоган пред новинарите по посетата на Албанија.

Тој истакна дека евентуална руска инвазија на Украина би била грешка бидејќи, како што наведе, Украина не е обична земја.

„Украина е силна држава“, додаде турскиот претседател.

Москва, која го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година, негира дека планира напад врз Украина, но го предупреди Западот дека проширувањето на НАТО кон таа и другите поранешни советски земји претставува „црвена линија“ што не смее да се премине.