Најмногу починати во еден ден од почетокот на пандемијата во Австралија

Австралија денеска го доживеа најсмртоносниот ден од пандемијата, во период кога омикрон сојот на коронавирусот ја зголемува хоспитализацијата, иако дневниот број на заразени благо опаѓа.

Австралија се соочува со најлошата епидемија на ковид 19, која е поттикната од варијантата омикрон, која стави повеќе луѓе во болници и интензивна нега отколку во кое било време за време на пандемијата, пренесува Ројтерс.

За 24 часа се регистрирани вкупно 77 смртни случаи, што го надминува претходниот национален рекорд од 57 минатиот четврток, покажаа официјалните податоци.

„Денес е многу тежок ден за нашата земја“, рече премиерот на Нов Јужен Велс, Доминик Перотет на брифингот за медиумите.

Само четворица од оние кои починаа во Нов Јужен Велс примија бустер доза на вакцината за ковид 19, што ги поттикна здравствените власти да ги повикаат луѓето да избегнат одложувања и наскоро да добијат трета доза. Меѓу загинатите, 33 примиле две дози од вакцината.

„Треба да има чувство на итност во прифаќањето на третата доза. За омикрон, знаеме дека заштитата е помала и ни треба бустер доза за да го добиеме тоа повисоко ниво на заштита“, рече министерот за здравство во Нов Јужен Велс, Кери Шант.

Според најновата анкета на јавното мислење, омикрон исто така, го намали рејтингот на премиерот Скот Морисон, ставајќи ги опозициските лабуристи во водство неколку месеци пред федералните избори.