Брнабиќ: Задоволна сум од резултатите на референдумот

Српската премиерка Ана Брнабиќ гласа на референдумот за промена на Уставот

Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека референдумот за промена на Уставот во делот кој се однесува на правосудството е „најважната работа“ што ја направила актуелната влада и дека е задоволна од резултатите, наведувајќи дека бројот на граѓани кои гласале „за“ се повеќе за околу 400.000 од бројот на гласови против.

Брнабиќ за ТВ Прва изјави дека излезноста на над 30 отсто од регистрираните гласачи е „исклучително добра“ бидејќи темата за референдумот, за промена на начинот на избор на судиите, „не е прифатлива за граѓаните“, а меѓу оправдувањата за слабата излезност таа ги посочи епидемијата на корона вирусот и тоа што „луѓето се на одмор“.

Брнабиќ рече дека е исклучително задоволна од соодносот 60-40 отсто, односно дека имало 400.000 гласачи повеќе кои ги поддржале реформите во однос на оние кои биле против.

„Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не е задоволен. Тој е задоволен што успеавме да протуркаме толку важна реформа, но не е задоволен од резултатите“, изјави таа.

Таа изјави дека го „пофалиле референдумот од ЕУ“, а со промените во областа на правдата ќе се „обезбеди како ќе се развива земјата во иднина и колку правдата ќе биде достапна за сите“.

Брнабиќ, исто така, рече дека „ниту една политичка опција што била на власт никогаш немала желба да се откаже од своето влијание врз судството“, како што тоа го направи актуелната влада.

Српската премиерка ја критикуваше реформата на судството на претходната влада, предводена од Демократската партија и изјави дека таа партија извршила „чистка“ меѓу „неподобните“ судии во 2009 година, по што 837 судии останале без работа, а имало и „три самоубиства на судии“.

Гласачите во Србија на вчерашниот референдум ги одобрија уставните амандмани за судството, покажуваат прелиминарните резултати од гласањето. Измените се однесуваат на изборот на судии и обвинители за кои владата вели дека ќе му дадат поголема независност на судството и ќе го намалат политичкото влијание.