Со церемонијален пречек пред Владата и со високи државни и воени почести започна официјалната посета на државава на бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков. Бугарската делегација ја пречекаа премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите за надворешни работи и за транспорт и врски, Бујар Османи и Благој Бочварски, како и од членови на Канцеларијата на претседателот на Владата и на Министерството за надворешни работи.
Петков е придружуван од Кристиан Вигенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија и бугарските министри за надворешни работи и за транспорт и врски, Теодора Генчовска и Николај Сабев.
Посетата, како што соопшти службата за информирање на бугарската влада, е по повод 30-годишнината од признавањето од Бугарија на независноста на Република Северна Македонија. Во соопштението се наведува дека посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи и ќе ги означи следните чекори што ќе ги преземат двете влади за решавање на отворените прашања меѓу двата соседа.
Петков во интервју за новинската агенција МИА кое беше објавено во пресрет на денешната посета на Скопје изјави дека доаѓа веднаш по изборот на новата Влада на Димитар Ковачевски со цел да се воспостави постојана комункација и да се постигне напредок. Според него, тежината на некои проблеми зависи од контекстот во кои се поставени и ако се постигне успех во точно дефинирање какви се тие проблеми и од каде доаѓаат, тогаш и нивните решенија стануваат полесни.
Софија постојано го блокира почетокот на преговорите за пристап на Македонија во ЕУ, инсистирајќи Скопје прво треба да ги исполни условите од Договорот за добрососедство со Бугарија, кои, како што наведуваат од владата, вклучуваат напуштање на говорот на омраза против Бугарија, искривување на историските факти во учебниците и на други места и дискриминација против нејзините граѓани кои се идентификуваат како Бугари.