Владата на Република Северна Македонија вечерва донесе одлука почетокот на второто полугодие на учебната година за основните и средните училишта да се одложи, односно наставата со физичко присуство да продолжи на 1 февруари, согласно заклучокот од Главниот координативен кризен ковид-19 штаб и согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата.
„Одлуката второто полугодие да продолжи на 1 февруари нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни како што е предвидено во календарот за настаната програма за основно и средно образование, со соодветна адаптација на наставните планови“, се наведува во соопштението од Владата.
Како дел од одлуката за одложување на стартот на второто полугодие на учебната година се и задолженијата и укажувањата за Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Секторот за односи со јавност во Владата на Република Северна Македонија, Јавното претпријатие МРТ да упатуваат апели до учениците и родителите максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од ковид-19, во домашни услови и на отворено.
Претходно Главниот кризен координативен штаб врз основа на дискусијата донесе заклучок дека во моментот, епидемиолошки земјата се наоѓа во пик, поради кој препорачува да се одложи учебната година до 01 февруари 2022, со предуслов да се упатат силни апели до родителите за строго придржување на мерките за заштита од коронавирусот.
На оваа втора седница е донесена и Одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.
Со денот на влегувањето во сила на оваа одлука, на предлог на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со топлинска енергија која што ја формираше Министерството за економија, ќе се преземат мерки и активности во врска со обезбедување дополнителни количини на топлинска енергија согласно утврдената кризна состојба, согласно Законот за енергетика и Уредбата за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на топлинска енергија.