Белорускиот лидер Александар Лукашенко најави дека заеднички воени вежби со Русија ќе се одржат во февруари, во близина на границите со Украина и источните земји-членки на НАТО.
На состанокот со белоруските воени претставници, Лукашенко рече дека точниот датум на вежбите сè уште не е одреден. Тој, исто така, не прецизираше колку војници ќе бидат вклучени.
Лукашенко изјави дека воените вежби со Русија треба да се фокусираат на сценарио во кое армијата на неговата земја е принудена да „се спротивстави на силите кои доаѓаат од Запад“. Без да презентира докази, тој ги оправда вежбите со тврдење дека има акумулација на војници долж белоруската граница со Украина, Полска и балтичките земји. Полска и балтичките држави Естонија, Латвија и Литванија се членки и на Европската унија (ЕУ) и на НАТО.
Во меѓувреме, секретарот на Советот за безбедност на Белорусија, Александар Секјуритич, потврди дека руските воени сили и опрема почнале да пристигнуваат во земјата.
- ЕУ до Москва - Ако има акција кон Украина ќе има и санкции
- Борел - Русија ќе се соочи со големи последици доколку ја нападне Украина
Најавата за воени вежби доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Западот и Москва, поради безбедноста на Украина. Киев се бори против сепаратистите поддржани од Кремљ во конфликтот во кој загинаа повеќе од 13.200 луѓе од април 2014 година. Русија распореди десетици илјади војници долж границата со Украина. Киев и неговите западни сојузници стравуваат дека тоа би можело да бидат подготовки за потенцијална инвазија, што пак Москва го демантираше.