Новиот премиерот Димитар Ковачевски очекува добра соработка со претседателот на државата Стево Пендаровски, а најави и конструктивна соработка со сите чинители во општеството како што се граѓанските здруженија и претставниците на опозицијата.
По денешната средба со претседателот на државата, Ковачевски во изјава за медиумите порача дека целта на новата Влада е да одговори соодветно на енергетската криза и да обезбеди услови за подобар живот на граѓаните.
Ковачевски ќе има многу работа ако успее да го одржи мнозинството
Како прв клучен приоритет го посочи справувањето со енергетската криза, а вети и подобрување на животниот стандард на граѓаните и поддршка на компаниите и реализација на големите инфраструктурни проекти коишто веќе се одобрени во Буџетот за 2022 година. Стратешка цел остануваат и евроинтеграциите.
Тој изјави дека ќе воспостави комуникација со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со цел наоѓање на решенија за проблемите со кои се соочува државата.
„Во однос на соработката со опозицијата, јас сум застапник и длабоко верувам во партиципативен начин на водење политика, особено во услови кога имаме голема енергетска криза, кога имаме економска криза кој е предизвикана од таа енергетска криза, европска енергетска криза. Исто така се уште сме во услови на здравствена пандемија и сметам дека сите политичари и сите експерти, без разлика на нивната партиска или политичка провинијенција треба да дадат свој придонес во решавање на овие проблеми. Во таа насока нормално дека со господинот Мицкоски ќе воспоставиме комуникација и ќе разговараме за сите теми за наоѓање на решенија кои ќе бидат во насока на подобрување на состојбите во сите овие области,“ истакна Кочавевски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има конкретен повик до Мицкоски за лидерска средба.