Роднините на Назарбаев ги губат функционерските позиции во Казахстан

Илустрација, архивска фотографија

Блиски роднинин на поранешниот казахстански претседател Нурсултан Назарбаев ги губат своите функционерски позиции по најновите индиции дека казахстанската влада се обидува да ги „исчисти“ или потисне членовите на поширокото семејство на поранешниот претседател во екот на невидените политички превирања.

Денеска Националната комора на претприемачи на Казахстан, ја објави оставката на нејзиниот претседател Тимур Кулибаев, кој е зет на Назарбаев. Кулибаев, еден од најбогатите луѓе во поранешната советска република богата со нафта, е сопруг на втората ќерка на Назарбаев, Динара.

Денеска казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев издаде указ за разрешување на внукот на Назарбаев, Самат Абиш од местото заменик-претседател на Комитетот за национална безбедност (КХБ). До ова доаѓа откако двајца зетови на Назарбаев беа сменети од главните работни места во две големи државни енергетски компании.

Двајца членови на поширокото семејство на Назарбаев поднесоа оставки

Претходно, еден од најблиските соработници на Назарбаев, претседателот на КХБ, Карим Масимов, и неговите двајца заменици беа уапсени под обвинение за велепредавство.

Назарбаев, кој беше лидер на Казахстан три децении пред неговата оставка во 2019 година, ги задржа огромните овластувања сѐ до минатата недела, кога неговиот наследник Касим-Жомарт Токаев ја презеде функцијата од Назарбаев како шеф на Советот за национална безбедност во услови на насилните немири.

81-годишниот поранешен лидер не се појави во јавноста од избувнувањето на протестите на 4 јануари, а критичките коментари на Токаев за него поттикнаа сугестии за внатрешна борба за моќ во Казахстан.

Последиците од масовните немири во Казахстан

Делови од Казахстан остануваат под вонредна состојба воведена по масовните антивладини протести во почетокот на јануари, во кои загинаа стотици демонстранти и полицајци.

Казахстанските власти соопштија дека само за време на викендот, најмалку 225 луѓе, вклучително и 19 полицајци загинале за време на немирите.