По успешната серија празнични концерти чија основна цел е да ја анимираат пошироката публика, Филхармонија влегува во нов ритам. Оркестарот на оваа наша национална установа, овој четврток на 20 јануари во 20 часот, вториот дел од актуелната сезона „Во движење“, ќе го започне со концертот насловен „Галантна Индија“. Диригент ќе биде маестро Габриел Бебешелеа од Романија, а солистка Елишија Силверштајн, една од најзначајните млади американски виолинистки. На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр.9 од Жозеф Болоњ (Шевалие де Сан Жорж) и Оркестарската свита од операта балет „Галантна Индија“ од Жан Филип Рамо.
Жозеф Болоњ, Шевалие де Сан Жорж (1745 – 1799) е француски композитор, виолинист и диригент на Парискиот симфониски оркестар. Тој своевремено ѝ бил учител по музика и на омразената француска кралица Марија Антоанета. Неговиот музички опус бил инспириран од музиката на Волфганг Амадеус Моцарт, па затоа историчарите го нарекуваат „црниот Моцарт“.
Инаку, како што ќе биде забележано од критиката, Концертот за виолина и оркестар бр. 9 е дело во кое се впишани основните параметри типични за музиката на овој оригинален француски композитор. Се работи за „мешавина од барокот и класицизмот, фузија на придобивките од епохата во која живеел Болоњ“.
Од друга страна, „Галантна Индија“ е првата опера балет на Жан Филип Рамо (1683 – 1764), која ја напишал на либрето на Луј Физелије, а премиерно е изведена во Париската опера на 23 август 1735 година. Во ова дело, Рамо ја запознава публиката со различни аспекти на љубов во далечните земји.
Либретото за неа вели дека „момчињата од четири европски земји, Купидони, грешејќи ѝ на божицата Хеба, одат во војна. Кога сфаќаат дека Европа ги напуштила, решаваат да одлетаат во Индија/Индии – генерички термин што во тоа време се користел за која било далечна, егзотична земја. Овие т.н. Индии потем стануваат местата на случување во чиновите, односно воведите во дејствијата од определениот чин“.
И, кога ова е веќе познато неколку значајни реченици за солистката на овој концерт. Американската виолинистка Елишија Силверштајн на светската музичка сцена се етаблира како изведувачка со невообичаено смели и проникливи изведби, а некои музички критичари ја вбројуваат меѓу најзначајните претставници на својата генерација.
Музичката јавност за првпат имала можност да ја слушне во Лондон, во 2015 година, на музичкиот фестивал „Спиталфилдс“. И притоа таа нималку не успева да остане рамнодушна. Изведбатa на оваа млада виолинистка од САД останува длабоко врежана во сеќавањата на секој присутен на тој концерт, таа вечер. Тоа бил настап кој навестувал една мошне плодна и успешна кариера.
Шест години подоцна, Елишија Силверштајн станува добро позната на светската музичка сцена како изведувач со невообичаено смели и проникливи изведби, а некои музички критичари ја вбројуваат меѓу најзначајните претставници на својата генерација. Настапува како солист и како камерен музичар, а нејзиниот репертоар се состои од дела од 17 до 21 век.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Неговата творечка репутација на брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија.
Во 2011 година, ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман... Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот Младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.