Турскиот претседател Ердоган во посета на Албанија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ќе престојува во официјална посета на Тирана. Ердоган пред посетата изјави дека Турција ја гледа Албанија како пријател и природен сојузник, наведувајќи дека Алабнија е една од балканските земји со која односите на Турција се постабилни и попозитивни. Турскиот претседател ја истакна и економската и трговската соработка меѓу двете земји. Според него моментно трговската размена меѓу двете земји е 750 милиони долари и додава дека главната цел е што поскоро да се прошири на околу милијарда долари. „Турција има инвестиции од над 3,5 милијарди долари во Албанија, вклучително и договорни услуги. Во Албанија работат околу 600 регистрирани турски компании и овие компании не само што придонесуваат за производството, туку обезбедуваат и вработување за околу 15 илјади луѓе. Со овие бројки, Турција е еден од најголемите странски инвеститори во Албанија, изјави Ердоган.

Во Албанија повеќе странски инвестиции од лани, но помалку од пред пандемијата

Ердоган претпладнево во Тирана ќе биде пречекан од премиерот Еди Рама по што ќе заминат за Лач, за да во Курбин го стават во употреба станбениот блок, со 524 станови, изградени со средства на турската држава, во рамки на помошта за обнова на разрушените домови во катастрофалниот земјотрес, што ја погоди Албанија на 26 ноември 2019 година. Во Лач ќе присуствува и на церемонијата на именување на плоштадот со неговото име, за потоа во Тирана ќе оствари официјалната средба со Рама, по што ќе бидат потпишани билатерални договори. Попладне Ердоган ќе ја посети џамијата Етхем-бег, која е реставрирана со средства од турската владина агенција за меѓународна соработка и развој по што ќе се обрати пред народните избраници во албанскиот законодавен дом.