Гласачите во Србија на вчерашниот референдум ги одобрија уставните амандмани за судството, покажуваат прелиминарните резултати од гласањето. Измените се однесуваат на изборот на судии и обвинители за кои владата вели дека ќе му дадат поголема независност на судството и ќе го намалат политичкото влијание. Соединетите држави и европските држави ги поддржаа амандманите, кои се сметаат за клучен елемент за балканската земја да ја унапреди својата кандидатура за пристап во Европската унија. Промените беа усвоени со 60 насто поддршка, според прелиминарните резултати со 97 отсто преброени гласови. Излезноста беше само околу 30 отсто.
Косово усвои Резолуција против одржување на српскиот референдум
Претседателот Александар Вучиќ и другите официјални претставници ги повикаа гласачите да ги поддржат амандманите, тврдејќи дека тие ќе го подобрат владеењето на правото и странските инвестиции. Тензиите меѓу Србија и Косово го засенија гласањето, откако Косово им забрани на етничките Срби на север да гласаат на косовска територија. Во заедничката изјава на 14 јануари, Франција, Германија, Италија, Британија и Соединетите држави изразија жалење што Косово не дозволи ОБСЕ да ги собере гласачките ливчиња на гласачите со право на глас кои живеат во Косово што беше случај и претходно. Косово прогласи независност од Србија во 2008 година по конфликтот меѓу етничките албански сепаратисти и српските сили во периодот 1998-99 година. Белград не го признава Косово, а околу 120.000 етнички Срби кои живеат во Косово сакаат да бидат дел од Србија.