Неколку опозициски партии денеска организираа протест во Белград по повод четвртата годишнина од атентатот на косовскиот политичар Оливер Ивановиќ.
Учесниците се собраа пред зградата на Претседателството на Србија, а потоа прошетаа низ централните градски улици до црквата Свети Марко каде запалија свеќи за Ивановиќ.
Тие носеа транспаренти со прашањето „Кој го уби Оливер Ивановиќ“ покрај сликата на српскиот претседател Александар Вучиќ“.
Меѓу насобраните беа претставници на опозициската Партија за слобода и правда (ССП), Движењето на слободни граѓани, Демократската партија, Народната партија, Собранието на слободна Србија, движењето Ослободување и други.
Претседателот на ССП Драган Ѓилас изјави дека идната влада ќе направи се за да ги пронајде и казни нарачателите на убиството на Ивановиќ.
Оној што ја организираше хајката и видеото против Оливер Ивановиќ сноси најголема вина за тоа што се случи и за тоа што и денес не знаеме кој стои зад тоа“, изјави Ѓилас пред црквата Свети Марко.
Претседателот на Движењето за промени, Јанко Веселиновиќ изјави дека вистината за убиството на Ивановиќ „нема да се знае додека не се смени актуелната власт“.
„Нема да заборавиме или да престанеме да бараме кој го убил. Ќе биде тешко да се дојде до таа вистина без промена на овој режим“, изјави Веселиновиќ за агенцијата Бета.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ по повод годишнината од смртта на Ивановиќ денеска запали свеќа во црквата Свети Сава во Белград.
Заедно со Вучиќ свеќи во спомен на Ивановиќ запалија и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, шефот на владината канцеларија за Косово Петар Петковиќ и невенчаната сопруга на Ивановиќ Милена Поповиќ.
Непосредно пред тоа, свештениците на храмот му оддадоа почит на Оливер Ивановиќ.
Оливер Ивановиќ беше убиен на 16 јануари 2018 година со шест истрели во грбот пред просториите на неговата партија во Северна Митровица, а убијците или сторителите сѐ уште не се познати.