Украинските власти на 16 јануари објавија дека имаат докази за вмешаност на Русија во големиот сајбер напад од оваа недела што ги погоди интернет страниците на владата на Украина.
„Досега сите докази укажуваат дека Русија стои зад сајбер нападот“, соопшти украинското Министерство за дигитална трансформација, пренесува АФП.
Саботажата е „манифестација на хибридната војна што Русија ја води против Украина од 2014 година“, соопшти Министерството.
Сајбер нападот бил извршен ноќта од четвртокот кон петокот, а со него беа погодени интернет страниците на неколку украински министерства, кои потоа беа недостапни неколку часа.
Москва негираше дека стои зад сајбер напад врз Украина.
Пред да биде оневозможен пристапот до владините сајтови, на нив се појави порака со предупредување Украинците да се „подготват за најлошото“. Пристапот до повеќето интернет страници беше вратен за неколку часа.
САД и НАТО го осудија нападот и понудија поддршка на Украина.
Нападите се случија во услови на растечки тензии меѓу Русија и Украина, откако Москва на границата распореди речиси 100.000 војници.