Ѓоковиќ ја напушти Австралија по судската одлука за депортација

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на аеродромот во Мелбурн пред да се качи на летот, откако Федералниот суд ја потврди владината одлука да му ја укине визата за настап на Австралија опен, во Мелбурн, Австралија. 16 јануари 2022 година.

Првиот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ја напушти Австралија, неколку часа откако Федералниот суд на Австралија ја одби неговата жалба против укинувањето на визата.

Тенисерот во Мелбурн се качи на летот за Дубаи на компанијата Обединети Арапски Емирати. Како што објави АФП, Ѓоковиќ пристигнал на аеродромот во Мелбурн во придружба на полиција.

Ѓоковиќ го напушти Мелбурн откако тричлениот совет на Федералниот суд на Австралија на 16 јануари ја одби неговата жалба против укинување на визата затоа што не бил вакциниран против корона вирусот.

По судската одлука Ѓоковиќ изјави дека е разочаран, но дека ќе соработува со властите при заминувањето од Австралија.

Австралискиот министер за миграциски прашања Алекс Хок ја поздрави одлуката на судот кој, како што истакна, го потврдил неговото дискреционо право и во име на јавниот интерес му ја одземал визата на Ѓоковиќ.

Австралискиот премиер Скот Морисон, исто така, ја поздрави одлуката на судот за укинување на визата, наведувајќи дека таа е донесена поради здравствени и безбедносни причини и од јавен интерес.

Организаторот на Австралија опен „Тенис Австралија“ на 16 јануари соопшти дека ја почитува одлуката на австралискиот Федерален суд за укинување на визата за тенисерот.

По неуспешниот обид на првиот носител да го запре депортирањето од Австралија, организаторите најавија нов распоред на играње.

Наместо Ѓоковиќ, ќе игра италијанскиот тенисер Салваторе Карузо кој на отворањето на турнирот на 17 јануари ќе се соочи со српскиот играч Миомир Кецмановиќ, објави Си-Ен-Ен.

На Ѓоковиќ му се заканува тригодишна забрана за влез во Австралија.