Српските граѓани гласаат на референдум за промена на Уставот

Србија - Гласање на референдумот за измени на Уставот, 16 јануари 2022 година

Граѓаните на Србија на републичкиот референдум денеска одлучуваат за промена на Уставот на Србија во областа на правосудството.

Гласачките места беа отворени во 7 часот, а се затвораат во 20 часот.

Рано изутрината на референдумот гласаше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Тој за новинарите изјави дека се надева оти измените на Уставот ќе бидат потврдени, бидејќи се важни за странските инвеститори за кои, како што рече, владеењето на правото бил еден од клучните фактори при одлучувањето за инвестирање во Србија.

Ивица Дачиќ - Претседателот на српскиот парламент и лидер на Социјалистичката партија на Србија (СПС), која учествува во српската влада, за време на гласањето рече дека доколку се потврдат уставните измени, законодавната и извршната власт нема да имаат никаква врска со судството.

Утрото на 16 јануари на референдумот гласаше и премиерката на Србија Ана Брнабиќ која ги повика граѓаните да ги потврдат предложените измени.

Право на глас на референдумот имаат 6.510.233 гласачи, соопшти Републичката изборна комисија (РИК).

Референдумското прашање гласи: „Дали сте за потврдување на Законот за промена на Уставот на Република Србија?“, а граѓаните можат да заокружат „да“ или „не“.

Доколку се усвојат измените, според српските власти, политиката би била исклучена од изборот на судии и обвинители, а српското законодавство би се усогласило со европското законодавство.

Промената на Уставот во областа на правдата е една од обврските на Србија на патот кон Европската унија (ЕУ).

Успехот на референдумот не е условен со цензусот, односно не е утврден минималниот број гласачи кои треба да излезат на гласање.

Одлуката донесена на референдумот е обврзувачка - промената на Уставот се усвојува доколку за неа гласале мнозинството избирачи.