Косово усвои Резолуција против одржување на српскиот референдум

Архивска фотографија - седница на косовскиот парламент.

Со 76 гласа пратениците во косовското Собрание ја усвоија Резолуцијата против одржување на референдумот на Србија на 15 јануари на територијата на Косово.

Во Резолуцијата, меѓу другото, се наведува дека единствен став на Собранието на Косово е дека со организирањето на референдумот на Србија на територијата на Косово, се нарушува суверенитетот и уставниот поредок на Косово и дека е спротивно на Уставот и законите на Косово и меѓународните стандарди.

Од Владата се бара да ги преземе неопходните активности за да спречи кршење на суверенитетот и уставниот поредок на Косово.

Заклучено е и дека припадниците на српската заедница на референдумот во Србија можат да гласаат по пошта или во Канцеларијата за врски на Србија со Косово во Приштина, а отворањето на избирачките места би било прекршување на законот и Уставот на Косово.

Се очекува меѓународната заедница да ги поддржи „легитимните права и принципиелниот пристап на Косово, бидејќи само еднаков третман на сите земји во регионот може да обезбеди стабилност, демократија и европски дух“.

Вонредната седница во Собранието на Косово расправаше за прашањето за одржувањето на српскиот референдум на барање на косовскиот премиер Албин Курти, откако меѓународната заедница на 14 јануари побара од косовската Влада да го дозволи референдумот и „да им дозволи на Србите во Косово да го остварат своето право на глас на изборите и изборните процеси“.

Во заедничка изјава Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, САД и Европската унија, на 14 јануари ја повикаа косовската влада да дозволи одржување на српски референдум за Косово.

„Ги повикуваме владите на Косово и Србија да се воздржат од дејствија и реторика кои предизвикуваат тензии и конструктивно да се вклучат во дијалогот преку ЕУ“, се наведува меѓу другото.