АД Електрани на Северна Македонија следната недела официјално ќе го преземе управувањето со БЕГ и топлификација Скопје Север, сооошти АД ЕСМ.
Од АД ЕСМ наведуваат дека согласно Уредбата која Владата ја донела на вчерашната седница во врска со кризата настаната во снабдувањето со топлинска енергија и дополнителните одлуки кои ќе следуваат, АД ЕСМ ќе го преземе работењето со БЕГ до завршувањето на кризата со снабдување со топлинска енергија.
„Преземањето и управувањето со трите субјекти на БЕГ (Производство, Дистрибуција и Снабдување) и со топлификација АД Скопје Север се очекува во текот на претстојната недела, откако АД ЕСМ ќе ги добие од страна на Владата потребните одлуки и задолженија за спроведување на преземањето“, се вели во соопштението на АД ЕСМ.
Во соопштението исто така се вели дека АД ЕСМ потпишло договор со друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје и дека со тој договор ќе го зголеми обемот на производство на електрична и на толинска енергија, односно дека ќе работи со максимален капацитет седум дена во неделата, наместо како што било досега кога работел пет дена.
„Електричната енергија ќе ја презема АД ЕСМ, додека зголеменото количество топлинска енергија кое произлегува од процесот ќе се испорачува кон БЕГ и Скопје Север, односно во топлинската мрежа во градот Скопје. Греењето во градот Скопје нема да се исклучува во вечерниот термин до 22.00ч. како што беше утврдено досега, туку топлинска енергија за корисниците ќе се испорачува до 01.00ч. До денот на преземањето на БЕГ од страна на АД ЕСМ, сите трошоци за испораката на греењето во Скопје ќе ги сноси ТЕ-ТО“, велат од АД ЕСМ.