Секој познава некој што заминал и работи во странство, па така личните контакти можеби се еден од најкористените начини за заминување од државата. Социјалните мрежи дополнително го олеснија тој пат, па огласи и можности се нудат секојдневно за тој што решил да си замина од државата. Младите ги користат програмите за дообразување во странство или можностите за сезонска работа која потоа се користи како отскочна даска за останување во некоја од „ветените“ земји. Други пак прифаќаат да работат што било само за да заминат од земјата, велат луѓе кои се години истражуваат за иселувањето на младите или, пак, се вклучени во тој процес.
Видете и ова: Секој втор млад човек во БиХ сака да ја напушти земјата
Сликата за тоа колку луѓе се иселиле од земјава треба да стане појасна во март, кога ќе бидат објавени податоците од пописот, кој по 19 години пауза беше спроведен лани во септември. Базата на државјани на РСМ брои повеќе од 2.430.000 лица, а со пописот се опфатени околу 1.840.000, рече претседателот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, кој вели дека миграцијата создала дупки во демографската пирамида.
Тоа што нема попис им го ограничува истражувањето на организациите кои се занимаваат со младински политики, се сложува и извршниот директор на Младинскиот образовен форум (МОФ) Димитар Низамовски. Сепак според достапните податоци нивното истражување објавено во август лани насловено „Социо-политичко учество на младите во Северна Македонија – Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“, покажува дека педесет и осум отсто од младите би се иселиле од Македонија, доколку им се укаже можност. Од нив, само 6,9 отсто би се вратиле назад во земјата, покажува истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминстер и Младински образовен форум (МОФ).
Низамовски вели дека иселувањето на младите може да се забележи по сè помалиот број на запишани ученици и студенти, и тоа, како што вели, е поразително. Најчестите чекори што младите ги преземаат за да се иселат се во насока на образованието, вели тој.
„Аплицираат за добивање стипендии, за студии во странство, за прв, втор циклус, за докторски студии, за академски размени, за кариерен развој каде одат на пракси, се користат Еразмус, Еразмус плус програмите. Овие се најчестите начини кои што, ете, во надеж дека ќе добијат поквалитетно образование и дека тоа би им отворило понатаму можност за вработување и за кариерен развој, и најчесто во земјите од Западна Европа, но има доста млади што заминуваат и во САД“, вели Низамовски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Една од тие што иднината ја гледаат во странство е Христина Ристеска од Прилеп, студентка на ФИНКИ.
„Сметам дека условите се многу подобри и финансиски и за семејство и за сè мислам дека е многу подобро настрана, отколку тука“, Христина Ристеска.
Но нејзината помала сестра, која е средношколка не се согласува со неа.
„Мислам тука да одам на факултет, најверојатно на медицина, мислам да останам во државата, зошто реално има услови, ама во Скопје, не во Прилеп“, вели Магдалена Ристеска.
Истражувачот Блажен Малески од Реактор-истражување во акција вели дека визната либерализација, можностите за доедукација во странство и тоа што секој познава некого што заминал и работи надвор од државата го олеснуваат патот за заминување. Од државата си заминуваат и високо квалификувани кадри, како оние во ИТ секторот и медицинари, кои и покрај добрите плати тука одлучуваат да си заминат, вели тој.
„Има кругови на луѓе од нашата земја кои во земјите од ЕУ имаат воспоставено бизниси, дали е тоа градежништво, хотелиерство, градежништво, тие се поврзуваат со луѓе преку социјални мрежи, преку комуникација човек на човек, особено во помалите места каде што секој знае некого во странство кој има потреба од луѓе. А има млади кои се дообразуваат во земјата, гледаме дека се зголемува бројот на фирми кои нудат доедукација и понатаму им отвораат можности во друга бранша и да го трансформираат тоа во нешто што може да го искористат и за во странство, но и за тука“, вели Малески.
За тоа кои канали ги користат младите и дали вложуваат во себе да си заминат од земјава разговараме и со Зоран Кочоски од Коузон, агенција која 25 години посредува за работа во странство преку разни програми.
Кочоски вели дека младите користат програми за сезонска работа, лични контакти со некои кои веќе заминале од земјата, а бараат и европски пасоши, најчесто бугарски пасоши, за да заминат надвор. Тој вели дека младата популација не вложува многу во себе за да се подготви за сериозен настап на светската берза на трудот.
„Најчесто таа дополнителна едукација е насочена кон неформално усовршување на јазик, најчесто англиски и германски, но не прават некакви сериозни подготовки, за да биде компатибилен со бараните квалификации на светската берза за работа“, вели Кочовски.
Тој додава дека често доаѓаат млади без реални квалификации и работно искуство и сакаат да заминат во странство за добро платена работа.
„Повеќе до 90 проценти од младите кои бараат работа не се концентрирани на одредена кариера, бараат работа од денес за утре, односно дајте сега што има, па уште јас што ќе правам тоа не е битно“, вели Кочоски.
Слушнете го во продолжение разговорот со него.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Радио Слободна Европа лани во октомври посети неколку региони во земјава, каде главен проблем е иселувањето на младите. Еден од нив е струмичкиот региони. Во селото Мокрино бројот на ученици се намалува, младите се селат во западноевропските земји, куќите се напуштени, нека кој да ги одгледува земјоделските површини.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Сликата не е поинаква ниту во Свети Николе, гратчето кое се наоѓа на 45 километри од главниот град Скопје. Жителите таму велат дека не може да се сретне млад човек и дека миграцијата како вирус го заразила градот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Државата треба да поработи на политики за враќањето на младите во земјава, велат и Низамовски и Малески. Низамовски вели дека најголем дел од тие што се враќаат го прават тоа од лични и семејни причини, или си доаѓаат само на одмор или распуст, но тоа долгорочно не во интерес на државата.
„Прилично е доцна, со оглед што со години не се вложувало во овие политики. Препораките се во неколку области, пред се пристапот до образование, да биде квалитетно и инклузивно и кое ќе нуди доста практична работа. Понатаму пазарот на трудот да ги детектира дефицитарните кадри кои се во тренд и за кои има побарувачка и да се работи на нивна популаризација. Сето тоа може да придонесе младите да останат тука или да се вратат“, вели тој.
Низамовски вели дека треба да се поработи и на спроведувањето на таканаречениот Закон за млади, донесен пред две години, кој иако има јасно дефинирани одредби, се уште се доцни со неговата имлпементација.
Тој додава дека треба да се обезбедат и повеќе пари од Буџетот за млади, преку Агенцијата за млади и спорт, каде со години се забележува незразмерност во парите што се одвојуваат за младите во споредба со оние кои се даваат за спорт.
Малески вели дека клучно за враќањето на младите е правната држава.
„Дали е обезбеден тој или таа што ќе инвестира тука, дали е сигурно дека нема да му пропаднат парите, да не му се преземе фирмата, нема да му се забрани дејност. Тука е и прашањето за корупцијата. Дали ако се судам за еден спор, тоа ќе трае 10 години и нема никогаш да стигнам до правдата, а сум инвестирал пари, или ќе се заташка случајот и 10 години ќе лебди во воздух, така што и правната несигурност е дел од приказната зошто луѓето не ги враќаат парите и не се враќаат назад“, вели Малески.
Според податоците на Државниот завод за статистика, секој трет млад човек во земјава е невработен.
Занаетот дава побрз билет за излез од Косово
Затворени продавници и празни улици даваат мрачна слика на Косово, чии млади луѓе масовно бегаат во потрага по подобар живот на друго место, особено во Западна Европа.
Гоце Атанасов
Дашурие Чаханај меси тесто во стручно училиште во Призрен, Косово, за да добие квалификација за пекар за која се надева дека ќе ѝ даде побрз билет за излез од нејзината земја отколку тешко стекнатата диплома за медицинска сестра. Оваа 23-годишната девојка, како и сѐ поголем број нејзини современици, е очајна да замине за да се вработи во побогатите земји во Европа, привлечена од подобрите плати и пошироките можности. Таа би можела да ги пополни документите и формуларите за виза и со своите медицински вештини. Но, конкуренцијата за таква работа е жестока, а времето притиска.
„Ќе ми требаат години додека не добијам работна виза за работа како медицинска сестра во Германија“, вели таа.
Наместо тоа, таа веќе оствари контакти во пекарниците во Словенија кои се подготвени веднаш да примат пониско квалификуван персонал.
„Засега сакам да одам во Словенија доколку би можела да ја остварам оваа желба, а потоа сакам да одам во Германија да работам како медицинска сестра“.
Со бруто домашен производ по глава на жител од 4.300 долари и една третина од работоспособното население невработено, Косово е рангирано меѓу најсиромашните земји на Европа. Дури 78 насто од Косовците на возраст меѓу 18 и 35 години изјавиле дека ќе се преселат во странство доколку им се укаже можност, покажа истражувањето на Меѓународниот републикански институт кон крајот на ноември. Вкупно 203.330 косовски граѓани ја напуштиле земјата во периодот од 2008 до 2018 година и поднеле барање за азил во Европската унија, се наведува во студијата објавена од Институтот за европска политика на Косово. Тоа ги зголемува стравувањата од недостиг на работна сила во земјата.
Видете и ова: Невработеноста кај младите во Западен Балкан е двојно поголема од онаа во ЕУЦентарот за професионална обука во Призрен е едно од шесте стручни училишта во Косово кои на младите им нудат кратки курсеви за сè, од печење и шминкање до заварувачи и електричари. Генералниот директор на центарот Синан Гаши вели дека бројот на студенти е двојно зголемен од 2015 година.
„Точно е дека за време на разговорите што ги правиме со нив, тие се заинтересирани да излезат надвор од државата. За нас е важно овие дипломи да се признаат и надвор, тоа покажува и дека имаме квалитет затоа што странските бизниси ги одобруваат и ги прифаќаат“.
Рилинд Бабатинца, економист од Подуево пак вели дека
на Косово нема иднина за младите. Тој додава дека веќе почнал да прави планови да ги остави настрана сопствените квалификации и да аплицира за виза за работа во ресторан за брза храна во Германија.
„Верувам дека вреди со оглед на тоа како економијата на Косово е на работ на банкрот, нема перспектива за младите и тоа ме принудува да ја напуштам земјата“.
Политичкиот аналитичар Агрон Дени, пак, смета дека на краток период е добро што младите одат на работа во странство:
„Накратко, Косово има економски бенефит кога дел од населението ќе замине, бидејќи не може да се најде работа овде. Но, ако продолжи овој тренд, ова ќе се претвори во негативен бумеранг, бидејќи Косово ќе се соочи со недостаток на работници во многу економски сектори во земјата и видовме во изминатите две или три години дека многу бизниси како градежништвото, здравството и продажниот сектор се борат да најдат работници“, вели тој.