Привремен престој во земјава за уште 67 граѓани на Авганистан

Група на Авганистанци пристигнува на аеродромот во Скопје на 15 септември, минатата година. Архивска фотографија.

На Меѓународниот аеродром Скопје денеска пристигна група од 67 граѓани на Авганистан, кои се вработени во организациите Национален демократски институт и Националната фондација за демократија, како и членови на нивните семејства.

„Продолжувајќи ја својата активна улога на солидарна земја, Северна Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава. Ова е дел од меѓународната операција за помош на демократското авганистанско население кое е во опасност од талибанските власти“, соопшти владината прес-служба.

Цивилите, според соопштението, ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.

Во Северна Македонија во моментов престојуваат 579 авганистански граѓани на кои институциите им ја пружаат потребната поддршка и помош. Од земјава до сега заминаа 141 цивил на кои траен престој им обезбедија повеќе држави низ светот.