Лавров - На Русија и снема трпение во врска со Западот

Mинистерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

На Москва и е исцрпено трпението во врска со Западот, изјави денеска министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров. Тој вели дека Русија очекува писмен одговор на нејзините барања за безбедносните гаранции во рок од една недела, откако не успеаја дипломатските разговори со НАТО и САД да се постигне напредок по ова прашање, во услови кога се зголемува руското воено присуство на границата со Украина.

Лавров за време на прес-конференцијата на која ја престави годишната програма на Министерството за надворешни работи рече дека Кремљ нема да чека бесконечно Западот да одговори на барањата на Москва НАТО да не се проширува, ниту да распореди сили во Украина и другите поранешни советски држави.

„Ни снема трпение“, рече Лавров на прес-конференцијата.

Лавров вели дека Русија сака ќор-сокакот околу безбедноста во Европа да се реши со взаемно почитување и рамнотежа на интереси, но дека Москва има различни опции да одговори доколку Западот ги отфрли руските предлози.

Коментарите на Лавров доаѓаат еден ден откако Белата куќа соопшти дека останува заканата за руска инвазија на Украина и дека се распоредени околу 100 илјади руски војници на границата со Украина. САД соопшти дека во рок од 24 часа ќе ги објави разузнавачките податоци кои сугерираат дека Русија би можела да се обиде да измисли изговор за да го оправда нападот.

Вашингтон и неговите сојузници цврсто го отфрлија барањето на Москва за безбедносни гаранции што го спречуваат проширувањето на НАТО и предупредија на „големи последици“ доколку Русија ја обнови својата агресија против Украина.

  • Украина ја повика Русија да продолжи со дијалогот

Русија и Западот, исто така, се согласија да ја остават вратата отворена за можни понатамошни разговори за контрола на вооружувањето и мерки за градење доверба наменети за намалување на потенцијалот за непријателства.