Струја и дипломатија

МАКЕДОНИЈА - Владата на денешната седница донесе одлука за обезбедување дополнителни количини на струја и топлинска енергија во услови на кризна состојба, се наведува во соопштението по владината седница.

МАКЕДОНИЈА - Македонскиот случај е најубедливиот тест за кредибилитетот на политиката на ЕУ кон Западниот Балкан. Успехот на Македонија ќе биде успех за сите, но неуспехот ќе биде неуспех и на самата ЕУ, рече вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров на денешната седница на Националниот совет за европски интеграции на која беа претставени приоритетите на француското претседавање со Советот на ЕУ што започна на 1 јануари годинава.

МАКЕДОНИЈА - Судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски започнува на 25 јануари, потврдија за РСЕ од Кривичниот суд.

ИРАН - Стотици наставници се приклучија на протестите во повеќе од 30 ирански градови, барајќи повисоки плати и подобри работни услови. Протести се одржале во главниот град Техеран, Исфахан, Шираз, Машхад, Рашт, Ком и други градови низ земјата.

КАЗАХСТАН - Амнести интернешнел побара од властите на Казахстан веднаш да ги ослободат новинарите и активистите уапсени за време и по протестите низ целата земја минатата недела, кои доведоа до смртоносно насилство во Алмати.

ЕУ / РУСИЈА - Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел денеска предупреди дека не треба да има преговори со Русија за ситуацијата во Украина се додека Москва продолжува да ги зајакнува трупите на границата на земјата.

МАКЕДОНИЈА - На 68-годишна возраст почина филмскиот продуцент Горјан Тозија, кој беше и државен секретар во Министерството за култура и советник во Kабинетот на претседателот Бранко Црвенковски, претседател на Друштвото на филмски работници (ДФРМ), а во 1993 година и директор на Вардар филм.

САД - Специјалниот пратеник на американската администрација за Западен Балкан, Габриел Ескобар ги повика лидерите во регионот да се фокусираат на мултиетничкото помирување, како и да бидат дел од Отворен Балкан.

РУИЈА / КАЗАХСТАН - Повеќе од 2.000 војници од Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Русија почнаа да се повлекуваат од Казахстан на 13 јануари, соопшти Москва.

БИХ / РЕПУБЛИКА СРПСКА - Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик повторно најави дека Република Српска ќе работи на формирање сопствена армија.