Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба денеска ја повика Русија да продолжи со дијалогот во воспоставените преговарачки формати за да докаже дека не сака да ги реши проблемите со сила.
Русија оствари разговори со САД и НАТО оваа недела по зајакнување на военото присуство на границите со Украина. Русија соопшти денеска дека разговорите со Западот досега не успеале да ги премостат основните разлики.
"И покрај незадоволителната недела на дипломатијата за Русија, верувам дека единствениот начин на Русите да потврдат дека немаат намера да ги решат проблемите со сила е да продолжат со дискусијата во воспоставените формати, особено во ОБСЕ", рече Кулеба.
Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел денеска предупреди дека не треба да има преговори со Русија за ситуацијата во Украина се додека Москва продолжува да ги зајакнува трупите на границата на земјата. Во францускиот пристанишен град Брест денеска се одржува неформалниот состанок на министрите за одбрана и надворешни работи на ЕУ на кој ќе стане збор и за ситуацијата во Украина.
Русија ги негира тврдењата на западните сојузници дека планира да ја нападне Украина, но вели дека ѝ се потребни низа гаранции за сопствената безбедност, вклучително и запирање на понатамошното проширување на НАТО и повлекување на силите на Алијансата од земјите од централна и источна Европа кои ѝ се приклучија по 1997 година.