Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел денеска предупреди дека не треба да има преговори со Русија за ситуацијата во Украина се додека Москва продолжува да ги зајакнува трупите на границата на земјата.
„Руските движења се дел од притисокот“, изјави Борел за медиумите на почетокот на неформалниот состанок на министрите за одбрана и надворешни работи на ЕУ во францускиот пристанишен град Брест, инсистирајќи дека „не треба да има преговори под притисок“.
Борел рече дека Вашингтон ги уверил своите европски сојузници дека ќе бидат во тек и ја пофали трансатлантската координација за ова прашање.
„Добивме гаранции дека ништо нема да се решава ниту да се преговара без Европејците, а координацијата со Американците е апсолутно одлична“, рече Борел.
Министрите меѓудругото ќе разговараат за безбедносната ситуација во источното соседство на ЕУ, особено во Украина и Белорусија. Тие ќе ги разгледаат активностите што треба да се преземат за решавање на актуелните предизвици и долгорочните прашања за безбедноста на регионот.
Русија ги негира тврдењата на западните сојузници дека планира да ја нападне Украина, но вели дека ѝ се потребни низа гаранции за сопствената безбедност, вклучително и запирање на понатамошното проширување на НАТО и повлекување на силите на Алијансата од земјите од централна и источна Европа кои ѝ се приклучија по 1997 година.