Специјалниот пратеник на американската администрација за Западен Балкан, Габриел Ескобар ги повика лидерите во регионот да се фокусираат на мултиетничкото помирување.
„Би рекол дека треба да се фокусираат на мултиетничко помирување, регионална економска интеграција, европски стандарди и создавање можности во рамките на Западен Балкан од кои корист ќе имаат сите луѓе. И мислам дека албанската Влада ова го започна со иницијативата Отворен Балкан, која ја сметаме за позитивна развој во регионот, така што гледам светла иднина за регионот. Ние сакаме да бидеме дел од овој процес и знам дека Европската унија го има истиот став“, рече Ескобар во интервју за албанскиот сервис на Гласот на Америка.
Според него, иницијативата Отворен Балкан е позитивна, но, во неа треба да бидат вклучени сите земји од регионот.
„И ова е условот под кој го поддржуваме: прво, да ги исполниме берлинските стандарди поставени од Европската унија. И второ, да биде отворен за сите земји, бидејќи практично не функционира без сите земји. Цевководите и автопатиштата не можат да се прекинат. Не можете да имате зона за слободна трговија ако треба да застанете некаде на половина пат и да чекате во ред пет часа во камион. Затоа што, на крајот на краиштата, зона на слободна трговија значи дека е потребно да се имаат институции кои можат ефикасно да управуваат со стока и пари. Значи, се работи за два услови: отвореност за сите и следење на соодветни стандарди и институции. Тоа се условите на нашата поддршка за овој проект“, заклучи Ескобар.
Тој најави дека наскоро ќе го посети регионот заедно со Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина. Целта, како што рече Ескобар, е да ја истакнат нивната поддршка за дијалогот и да ја покажат посветеноста за негово функционирање.
„Тоа е дијалог што го води Европската Унија, но ние силно го поддржуваме. И се надевам дека ќе напредуваме. Но, морам да кажам дека во тој поглед прашањето за Србија и Косово не се однесува само на САД и Европа, туку и на нашите колеги од регионот. Во таа насока, би рекол дека Албанија е многу корисна, рече Ескобар, нагласувајќи дека Тирана разговара со двете страни и ги поддржува САД во напорите за воспоставување стабилни односи меѓу Србија и Косово“, додаде тој.
На седмиот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“ беа потпишани неколку договори за соработка меѓу Албанија, Србија и Северна Македонија. Лидерите на трите земји притоа ги повикаа и другите земји од Балканот да им се приклучат на иницијативата.