Рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко изјави дека Москва ќе употреби воени средства за да ги неутрализира заканите по нејзината безбедност доколку политичките средства не се покажат доволни, пренесе новинската агенција Интерфакс. Тој ова го изјави по вчерашните разговори во Брисел меѓу Русија и НАТО за безбедносните барања на Москва. Грушко рече дека Москва ги изложила можните контрамерки што би можела да ги преземе за време на разговорите.
Столтенберг: Русија нема право да стави вето за прием на нови членки на НАТО
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг пак наведе дека на состанокот НАТО и Русија вчера се договорија да се обидат да одржат повеќе состаноци, и покрај тензиите околу трупањето руски војници во близина на Украина. Столтенберг сепак додаде дека какви било разговори за Украина нема да бидат лесни. Тој повтори дека Украина има право да одлучува за своите идни безбедносни аранжмани, додавајќи дека вратите на НАТО ќе продолжат да бидат отворени за нови членки. „Никој друг нема што да каже по тоа прашање, а Русија, се разбира, нема право на вето“, рече тој.