Според официјалната веб-страница на Министерството за здравство на Србија, во последните 24 часа 12.877 лица биле позитивни на коронавирус од тестирани 33.195 лица, 26 лица починале, со што вкупниот број на починати од Ковид-19 е 12.984 лица, јави дописникот на МИА од Белград.
Во Србија, вчера за првпат од почетокот на епидемијата регистриран е петцифрен број новозаразени со коронавирус – 13.693, од 37.402 тестирани примероци. Коронавирусот експлодираше, порачуваат епидемиолозите во Србија. Во Белград повеќе од осум илјади луѓе дневно се прегледуваат во ковид амбулантите, а во аптеките во последните седум дена распродадени се брзите антигенски тестови наменети за домашна употреба.
Од 3 до 9 јануари повеќе од половина од тестираните студенти во Студентската поликлиника во Белград имале позитивен наод или од 600 тестирани, дури 340 студенти биле позитивни. Поради крајно неповолната епидемиолошка состојба, претходно најавената организирана прослава на српската Нова година (Василица) во повеќе градови е откажана.