Казахстанскиот претседател најави повлекување на руските трупи

Архива - казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев

Казахстанскиот претседател Касим Жомарт Токаев рече дека силите на Организацијата на Договорот за колективна безбедност предводена од Русија ќе почнат да го напуштаат Казахстан на 13 јануари. Тие беа повикани да помогнат во стабилизирањето на ситуацијата во централноазиската држава во која избувнаа немири поради зголемувањето на цената на горивото. Во судирите имаше и жртви. Во соопштението објавено денеска од организацијата во која се Русија, Белорусија, Казахстан, Киргистан, Ерменија и Таџикистан се додава дека повлекувањето на контингентот од околу 2.000 војници од Казахстан ќе трае околу десетина дена.

Претходно денеска Токаев учествуваше на седницата на работната група за итни операции во градот Алмати во кој се одржаа најжестоките протести и се состана со роднините и колегите на службениците кои беаубиени за време на насилствата. Точниот број на загинати се уште не се знае.

Војниците на Организацијата на Договорот за колективна безбедност пристигнаа во Казахстан минатата недела откако раководството на таа земја која е богата со нафта побара од блокот воена помош за справување со протестите кои станаа насилни. Казахстанските медиуми на 12 јануари објавија дека уште 1.700 луѓе биле приведени со што вкупниот број на притворени за време на немирите достигна речиси 10.000.