Европратеници бараат истрага за улогата на Вархеји во БиХ

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји

Група европратеници испрати писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во кое од неа бара да ја истражи улогата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во кризата во Босна и Херцеговина.

Писмото е потпишано од триесетина европски пратеници, јавува балканскиот сервис на Радио Слободна Европа. Европратениците бараат од претседателката на Европската комисија да каже дали смета дека однесувањето на комесарот Вархеји е во согласност со официјалната политика на Европската унија кон БиХ.
Писмото на социјалните мрежи го објавија повеќе потписници. Поводот за него е, како што се наведува во текстот, објавениот документ потпишан од шефот на Европската делегација во БиХ, Јохан Сатлер, во кој се наведува дека Вархеји отворено преговара со Милорад Додик за распадот на БиХ.

„Извештаите покажуваат дека еврокомесарот Вархеји се согласил со Додик за датумот на одржување специјална седница на Народното собрание на РС и за шестмесечен мораториум на законите кои вклучуваат еднострано повлекување од државните институции“, пишува во писмото.

Во писмото се нагласува дека ЕК има клучна улога при обезбедувањето почитување на заклучоците од Дејтонскиот договор и гарантирање на мирот во БиХ, но се додава дека земјите од ЕУ не се обединети во оваа цел. Тие го наведоа примерот на унгарските власти кои „активно ја поддржуваат кампањата на Додик за поделба на БиХ и преку 100 милиони евра помош што Унгарија и ги дава на Република Српска пред општите избори во Босна и Херцеговина“.

„Во тој контекст ве прашуваме дали Комисијата смета дека работата на еврокомесарот Вархеји е во согласност со официјалната политика на ЕУ кон БиХ? Можеме ли да очекуваме внатрешна инспекција да процени дали неговите активности се во согласност со неговата улога како еврокомесар за проширување? Каков е ставот на Комисијата околу прашањето за територијалниот интегритет на БиХ и како Комисијата планира да не се прекршат заклучоците од Дејтонскиот договор?“ стои во заклучокот од писмото потпишано од пратеници на Европскиот парламент.