Имаме јасни државни позиции во однос на разговорите со Бугарија, имаме усвоена Резолуција во Собранието, поддржана од сите партии, вели претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада Димитар Ковачевски по денешната прес-конференцијата на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
„Мојот впечаток е дека станува збор за изразено лично незадоволство поради завршување на неговото учество во Владата. Тоа што го кажува воопшто не е точно“, смета Ковачевски, a пренесува државната агенција МИА.
Димитров, додава тој, лично бил дел од градењето на истите тие позиции.
„Македонскиот јазик и македонски идентитет не биле, не се, и нема да бидат тема на разговор. Дали господинот Димитров е против овие изградени државни позиции во однос на разговорите со Бугарија и во кој дел треба да каже самиот. Граѓаните да бидат спокојни дека Владата во целост ќе ги заштити националните интереси, а преговорите на ниеден начин не се загрозени со заминувањето на Димитров“, вели Ковачевски.
Оваа реакција доаѓа по денешната прес конференција на вицепремиерот во заминување Димитров кој рече дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија.
Ковачевски, кој неделава го предложи составот на новата влада за кој Собранието ќе расправа в сабота, одлучи за вицепремиер за евроинтеграции да го предложи досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ. За Ковачевски, се уште актуелниот вицепремиер за евроинтеграции Димитров рече дека „нема баш искуство и знаење во надворешната политика“.
Димитров беше министер за надворешни работи во првата влада на премиерот Зоран Заев од 2017 до 2020 година. По изборите пред две години Заев одлучи министер за надворешни работи да биде Бујар Османи, а Димитров да го води Секретаријатот за европски прашања. Сега во новата влада до чие формирање доаѓа по оставката на Зоран Заев од лидерската позиција во СДСМ и премиерската функција поради поразот на локалните избори во октомври, Димитров нема да биде член на владата.
За време на мандатот на Димитров во Министерството за надворешни работи беа склучени Договорот за добрососедство со Бугарија во 2017 година и Договорот од Преспа со Грција со кој се стави крај на повеќедеценискиот спор за името во 2018 година. Но, подоцна Бугарија одлучи да ја блокира македонската европска интеграција првично со барања поврзани со историјата и јазикот и тврдења дека земјава не го исполнува Договорот за добрососедство. По блокадата на Бугарија во 2020 година почнаа и разговорите на релација Софија-Скопје.