Столтенберг: Русија нема право да стави вето за прием на нови членки на НАТО

Брисел- Рускиот заменик-министер за одбрана Александар Фомин, рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Грушко и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг учествуваа на Советот НАТО-Русија во седиштето на Алијансата, 12.01.2022

НАТО имаше „сериозна и директна размена“ со руските официјални претставници за украинската криза и алијансата е подготвена повторно да се сретне со претставниците на Кремљ за да разговараат за европската безбедност, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг. Зборувајќи денеска, по состанокот со делегацијата на Русија, а во рамки на разговорите кои се дел од Советот НАТО-Русија, Столтенберг рече дека алијансата нема да се согласи со барањата на Москва за нова безбедносна архитектура во Европа, но сака да ја продолжи дипломатските средби.

Рускиот претседател Владимир Путин објави серија барања за безбедносни гаранции во Европа, меѓу кои и НАТО да не се проширува со нови членки како Украина и Грузија и да се ограничи распоредувањето на сојузниците во источноевропските членки на НАТО.

Столтенберг повтори дека Украина има право да одлучува за нејзините идни безбедносни аранжмани и дека Русија нема право да стави вето за прием на нови членки на НАТО. Генералниот секретар на Алијансата нагласи и дека НАТО изразил „сериозна загриженост“ поради трупањето на речиси 100.000 руски војници во близина на руската граница со Украина и на окупираниот полуостров Крим, за што западните земји стравуваат дека може да биде подготовка за инвазија.

„Постојат значајни разлики меѓу сојузниците во НАТО и Русија по ова прашање. Нема да биде лесно да се премостат нашите разлики, но тоа е позитивен знак дека сите сојузници на НАТО и Русија седнаа на иста маса и се ангажираа на суштински теми“, изјави Столтенберг по четиричасовната средба со руските претставници.

Руската делегација ја предводеа заменик министерот за надворешни работи Александар Грушко и заменик министерот за одбрана Александар Фомин. Грушко ја опиша средбата како „момент на вистината“ во односите Русија-НАТО.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, повтори дека Русија иако не поставува ултиматуми, останува загрижена за можното проширување на западната алијанса.

„Се разбира, Русија е загрижена за секое проширување на НАТО. НАТО не е инструмент за развој, тоа е инструмент за конфронтација“, изјави Песков за новинарите во Москва.

Состанокот на Советот НАТО-Русија беше прв по повеќе од две години. Советот e формиран пред две децении, но состаноците беа прекинати откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година. Советот од тогаш се состануваше повремено, а последен пат во јули 2019 година.