Османи: преговорите ги водат искусни дипломати од МНР

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Преговорите на техничко ниво ги водат работни групи во кои членуваат искусни дипломати од Министерството за надворешни работи. Тие реферираат пред Министерот за надворешни работи, но воедно тие настапуваат согласно стекнатите знаења и искуство во нивната децениска работа во куќата, секако застапувајќи ги државните стратешки интереси утврдени од страна на Владата и целиот државен врв, истакнува во реакцијата министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Оваа реакција објавена на официјалниот Фејсбук профил на министерот следува по прес конференцијата на вицепремиерот за европски прашања во заминување Никола Димитров кој рече дека нема целосна доверба во министерот за надворешни работи оти има чувство дека имало еден „драјв" за успех по секоја цена што мисли дека не е продуктивен и е опасен.

Османи наведува дека за важните стратешки прашања во Владата секогаш се формира работна група, односно највисоко политичко тело кое по правило го предводи премиерот и на кое постојано се повторуваат и прецизираат државните интереси на земјава, кои Владата и Министерството за надворешни работи ги застапува при разговорите со своите колеги.

Министерот посочува дека и неговите лични позиции, како министер за надворешни работи и како човек апсолутно соодветствуваат со државните позиции кои, вели, како Влада активно ги застапуваат. Османи наведува дека има нов политички моментум создаден преку новите мандати на владите во двете земји, нагласувајќи дека е во комуникација и со актуелниот премиер Зоран Заев и со мандатарот Ковачевски. Во објавата министерот потсетува на најавената посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје на 18 јануари и на напорите да се одржи заедничка седница на двете влади на 25 јануари.

„Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме, и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме“, пишува министерот за надворешни работи Османи.

Инаку денеска на неколку дена пред завршувањето на функцијата вицепремиер за европски прашања Никола Димитров рече дека не е дел од предлогот за нова влада на мандатарот Димитар Ковачевски затоа што за неговите позиции во однос на Бугарија немало простор во неа.