Стотици луѓе се собираат пред бугарското Народно собрание во главниот град Софија на протест против зелените сертификати, што го организираше партијата „Преродба“.
Како што јавува редакцијата на Радио Слободна Европа на бугарски јазик, националистичката група води кампања против имунизацијата за КОВИД, зелените сертификати и мерките за сузбивање на пандемијата.
Еден час откако започна протестот, на повици на дел од учесниците во протестот, толпата се упатила кон полицискиот кордон по што се случил контакт со полицијата, а демонстрантите се качиле по скалите на главниот влез на Народното собрание.
Бугарскиот премиер Кирил Петков во коментар за БТВ рече дека станува збор за „длабока разлика меѓу група на луѓе кои не веруваат во мерките, некои од нив не веруваат во КОВИД“ и повика на одржување на работна група.
Петков побара тие да предложат 10 луѓе, посочувајќи дека во моментот кога ќе заврши неговиот карантин сака да разговара со нив за создавање на нов модел за надминување на следниот КОВИД бран.
Пред бугарскиот Парламент уште од утрото имаше силно полициско обезбедување.
Партијата „Преродба“ влезе во Парламентот по ноемвриските избори, освојувајќи речиси 130.000 гласови со што обезбеди 13 места во Националното собрание. Костадин Костадинов е претседател на партијата.
Тој се противи на имунизацијата против коронавирусот, ги нарекува вакцините „експериментална течност“, повикува на укинување на зелениот сертификат и сите мерки за борба против пандемијата, за која вели дека е „сезонски грип“. Ова се главните пораки и на другите претставници на партијата.
Инаку, Бугарија денеска достигна рекордно високо ниво од 7.062 инфекции, според официјалните податоци.
Инфекциите растат од почетокот на годината, надминувајќи го претходниот пик од крајот на октомври.
Бугарија е најмалку вакцинирана земја членка на Европската унија, со нешто повеќе од 28 отсто целосно вакцинирани во земјата со 6,9 милиони жители.
Вкупниот број на починати од КОВИД досега е 31.761, а бројката се зголеми за уште 89 смртни случаи во изминатите 24 часа.
Новата центристичка влада, која ја презеде функцијата минатиот месец, апелираше до Бугарите кои се скептични за вакцините да се вакцинираат, нудејќи дури и еднократна парична награда од околу 44 американски долари за пензионерите кои ќе се одлучат целосно да се вакцинираат или да примат засилувачка доза.