Разговорите со Русија за решавање на кризата на границата со источна Украина денеска се префрлија во седиштето на НАТО во Брисел, со мали очекувања за договор, пренесува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Претставниците на 30-те членки на Северноатлантската алијанса и Русија ќе го одржат вториот состанок оваа недела со цел да се смират тензиите, по преговорите меѓу Вашингтон и Москва во Женева на 10 јануари на кои не беше постигнат значаен напредок.
„Ова е навремена можност за дијалог во критично време за европската безбедност. Кога тензиите се високи, уште поважно е да седнеме на иста маса и да се занимаваме со прашања кои предизвикуваат загриженост“, напиша на Твитер генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Тој и лидерите на руската делегација, заменик министерот за надворешни работи Александар Грушко и заменик министерот за одбрана Александар Фомин, пред средбата излегоа пред медиумите.
На средбата во Брисел како лидер на американскиот тим учествува и заменк државниот секретар Венди Шерман, која е највисок американски претставник на преговорите во Женева.
Клучна тема ќе биде акумулацијата на руските војници во близина на украинската граница и загриженоста дека тие би можеле да извршат инвазија. На состанокот на Советот НАТО-Русија, кој е прв од 2019 година, ќе се разговара за барањето на Москва Северноатлантската алијанса да го прекине своето проширување на исток и да ги поништи резултатите постигнати во Централна и Источна Европа од 1990-тите.
Русија ги прекина дипломатските односи со НАТО откако Алијансата протера осум членови на руската мониторинг мисија во Брисел во октомври 2021 година, обвинувајќи ги дека се шпиони, што претставува ново влошување на западно-руските односи кои се на најниско ниво од крајот на Студената војна. .
Иако очекувањата се мали, НАТО се надева дека ќе ја увери Москва во можноста за одржлив дијалог и ќе спречи воена ескалација.
Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса Јенс Столтенберг оваа недела изјави дека добр исход од разговорите ќе овозможи понатамошни состаноци.