Утре ќе биде поништена лиценцата за туристичка дејност на туристичката агенција „Беса транс“, со чиј автобус се случи сообраќајната несреќа во која животот го загубија 46 лица, соопшти министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.
Според извештајот на Инспекторатот за труд има разлики во сите информации за лиценцата кои што ги има таа агенција, рече министерот.
Бектеши додаде дека на барање на Министерството за економија, Пазарниот инспекторат ќе направи дополнителна контрола на условите и начинот на функционирање на „Беса транс“.
Во автобуската несреќа на македонскиот превозник „Беса транс“ во Бугарија на 23 ноември загинаа 45 луѓе, од кои 12 деца, а седуммина преживеаја. Тие се враќале од туристичко патување во Турција.
Од македонските институции по несреќата излегоа информации дека автобусот со невалидни или со фалсификувани документи вршел превоз и преминувал граници. Не бил заведен ниту во документацијата на Министерството за транспорт и врски. Имаше и информации дека возачите на изгорениот автобус не биле вработени, едниот немал ни сертификат за професионална компетентност.