Петков сепак доаѓа во Скопје

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Новиот бугарски премиер Кирил Петков сепак ќе ја посети Македонија на 18 јануари, соопштија од македонското Министерство за надворешни работи (МНР). Неговата посета ќе соодветствува и со изборот на новата Влада во земјава, велат од МНР.

Во соопштението се наведува дека по денешните консултации меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји било констатирано дека одлуките на здравствените власти на Република Бугарија, за самоизолација на дел од владиниот кабинет на премиерот Петков нема да ја променат претходно договорената рамка за посетата на високата владина делегација на Скопје.

Петков е во изолација поради контакт со заразен од ковид.

Бугарскиот премиер во Скопје треба да се сретне со новиот македонски премиер Димитар Ковачевски, кој денеска го поднесе до Собранието предлог составот на новата влада и се очекува да биде изгласан до крајот на оваа недела.